Македонија 28 извозник на вино во светот со извоз од 60,2...

Вкупниот извоз на вино на светско ниво во изминатата 2018 година достигна 37,4 милијарди долари, што е раст од 5,4% во споредба со претходната година. За изминатите четири години светскиот извоз на вино е зголемен за 7,5% .
Најголем извоз на светско ниво имала Европската унија во вредност ид 27,1 милијарди долари или дури 72,5% од вкупниот извоз на вино.
Следат вината од Австралија и Нов Зеланд со 9% од вкупниот извоз на вино, по кои следи Латинска Америка со 7,6%. Извозниците на вино од Азија лани учествувале со 4,6% од вкупниот извоз на светско ниво, додека Северна Америка учествува во светскиот извоз со 4,1%.
Гледано по земји, Франција е лидер во продажбите на вино на светско ниво во вредност од 11 милијарди долари или дури 29,5% од вкупните продажби на вино. Следи Италија со извоз на вино од 7,3 милијарди долари или 19,6% од светскиот извоз на вино. Трет најголем извознинк на вино е Шпанија со извоз на вино 3,5 милијарди долари или 9,4% од вкупниот светски извоз на вино. Следат Австралија, Чиле, САД, Германија, Нов Зеланд и Португалија.
Македонија е на 28 место на листата најголеми извозници на вино во светот со извоз на вино од 60,2 милиони долари, што е зголемување од 0,2% на годишно ниво.
Од земјите во регионот, повеќе вино од Македонија извезува единствено Грција, која лани извезла вино во вредност од 97,5 милиони долари и била 26 најголем извозник на вино во светот.
Сите останати земји, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора извезуваат далеку помалку вино во споредба со Македонија.
Но, се уште македонското вино во најголем дел се извезува во наливна форма, додека помал дел е извоз на флаширано вино, кој секоја година бележи раст.