Трговската размена долж Патот на свилата надмина 600 милијарди долари

Трговската размена помеѓу Кина и земјите кои учествуваат во проектот “Еден појас еден пат” во првата половина годинава достигна 617,5 милијарди долари.

Трговската размена во овој период е зголемена за 9,7%, со што е надмината стапката на раст на вкупната кинеска трговија, која изнесуваше 3,9% во првата половина годинава.

Податоците покажуваат дека трговската размена помеѓу Кина со Русија е зголемена за 11,5%, додека трговијата на Кина со Саудиска Арабија и Египет е зголемена за 34% и 11%.

Кинеското министерство за трговија минатата недела соопшти дека во рамки на иницијативата Еден појас, еден пат досега се потпишани договори за соработка со 18 арапски земји, а трговската размена помеѓу Кина и арапските земји  во 2018 година достигна 244,3 милијарди долари, што е 28% раст за една година.

Проектот наречен уште и Патот на свилата 21 век пред шест години го најави кинескиот претседател Си Џинпин, а од тогаш Кина има потпишано 173 договори со 125 земји и со 29 меѓународни организации.

Целта на иницијативата вредна повеќе милијарди долари е подобра поврзаност и соработка помеѓу Азија, Европа, Африка и Латинска Америка, а експертите тврдат дека со неа значително ќе се зголеми глобалната трговија, преку намалување на трошоците за трговија помеѓу земјите учеснички.