Расте глобалната побарувачка за дрвен мебел

 
Вредноста на светскиот пазар на дрвен мебел ќе се зголеми за близу 50% во следните шест години и ќе достигне 580  милијарди долари, предвидува американската консултантска куќа Global Market Insights (GMI).

Се очекува зголемена побарувачка за комплетен и стилизиран дрвен мебел како во урбаните, така и во руралните области. Исто така се очекува и зголемување на интересот и пристапот на клиентите до електронските канали за купување мебел, како и подобрување на понудата за електронска трговија во однос на квалитетот, прилагодливост кон купувачите и брзината на испорака, што исто така ќе придонесе за зголемена побарувачка, проценува GMI.

Вредноста на глобалниот пазар на дрвен мебел минатата година достигна 395 милијарди долари.

Како предизвик за производителите, консултантската куќа GMI исто така ја наведува очекуваната зголемена потреба за луксузен мебел во домаќинствата, деловните канцеларии и јавните институции.

Се предвидува и зголемување на побарувачката за еколошки одржливи производи, како една од последиците од растечката загриженост за глобалните климатски промени, кои дрвната индустрија.

Консултантската куќа GMI како најважен растечки пазар во понудата и побарувачката на дрвен мебел ја наведува Азија, која веќе сега држи околу 45% од светскиот пазар. Европа, според истиот извор, држи околу 27% од глобалниот пазар со производна вредност од 110 милијарди евра и еден милион и 200 илјади вработени во 130 илјади компании.