Поразителни бројки: Само 1% од македонскиот извоз е осигуран преку МБПР

Во текот на изминатата 2018 година само 56 домашни компани користеле  извозно осигурување од Македонската банка за поддршка на развојот, при што вредноста на извоз кој бил осигуран лани изнесува 58,2 милиони евра.

Ако се земе во предвид дека вкупиот македонски извоз минатата 2018 година изнесува 5,8 милијарди евра, податоците покажуваат дека само 1% од македонскиот извоз е осигуран преку државната развојна банка МБПР. Во земјава има околу 3.500 компании кои извезуваат, што значи дека само 1,6% од нив го користеле инструментот извзозно осигурување.

Според податоците од МБПР, минатата година извозот го осигурале фирми кои работат во  трговија на големо и мало со овошје и зеленчук, фармација, производство на печки и горилници,  трговија на големо со компјутери, автоиндустрија, текстил, кондиторска индустрија, винска индустрија, конзервна индустрија и др.

Како главна пречка за поголемо користење на извозното осигурување македонските компании ги наведуваа високите трошоци. Но, од МБПР велат дека за да го направат овој производ подостапен за македонските извозници во текот на 2018 година ги намалиле трошоците, односно премиските стапки за 30%, а исто така за 30% се намалени и апликативните трошоци.

“Премиската стапка , односно трошокот  на извозното осигурување зависи од неколку услови, како земјата каде се наоѓа купувачот, рокот на плаќање на предметните фактури кои ќе  бидат осигурани, бројот на купувачи и обем кои што извозникот  ќе ги осигурува во МБПР. Со оглед на тоа, премиската стапка  може да се движи помеѓу 0,24%-2,00% од износот на фактурите. Просечна премиска стапка во 2018 година била 0,47%, што е намалување во однос на 2017 година кога таа изнесувала 0,56%)”, објаснуваат од МПБР, додавајќи дека нудат осигурување во скоро сите земји во светот, со исклучок на  неколку земји поврзани со меѓународни санкции.
Според податоците од МБПР во 2018 година бил осигуран извоз кон 30 земји во светот.

Ако овие податоци за извозното осигурување се стават во контекст со реалната економија, тогаш бројките недвојбено покажуваат многу мала употреба на овој важен инструмент, кој во целиот свет се се користи поддршка на извозот преку за намалување на ризикот од ненаплата на побарувањата на странски пазари и обезбедувајќи си подобра ликвидност на извозните компании.

Имено, во Словенија која минатата година го заврши со рекорден извоз од 39 милијарди евра, извоз седум пати поголем од македонскиот, преду државната банка СИД (Словенска извозна дружба) минатата 2018 година бил осигуруна дури 20% од словенечкиот извоз. Во Хрватска преку државната ХБОР (Хрватска банка за обнова и развој) лани бил осигуран извоз во вредност од 370 милиони евра во 54 земји во светот.