Македонската Влада заинтересирана да учествува во изградба на нуклеарката Белене

ЕСМ е меѓу компаниите, кои пројавиле интерес за учество во проектот Белене, потврдија за МИА од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Владата доставила писмо за намери за учество во проектот Белене преку ЕСМ, а Анѓушев изминатиот период нагласуваше дека најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку нуклеарната централа Белене во Бугарија и вклучување во нејзината изградба.
Бугарската министерка за енергетика Теменужка Петкова денеска на брифинг со новинари истакна дека 13 компании пројавиле интерес за учество во проектот.
-Меѓу оние кои пројавија интерес е и ЕСМ на Северна Македонија за добивање на малцински дел и долгорочно купување на енергија, нагласи Петкова.
Анѓушев по објавувањето на повикот во Служебниот весник на ЕУ, што се случи на почетокот на јуни кажа дека бугарската страна објавила повик, во кој практично бара партнери на тој проект.
-Ние како држава веројатно треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков објект, бидејќи со тек на време ние ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен, изјави тогаш  Анѓушев.
Појаснувајќи дека базна енергија се произведува од јаглен, гас или гориво и оти други извори не постојат, вицепремиерот истакна дека, токму затоа пројавиле интерес за учество во Белене.
Во повикот за Белене се наведува дека се бара заинтересиран стратешки инветитор за откуп на акции и за набавка на струја од централата. Понудите се доставуваа три месеци.
Како што јавуваат бугарските медиуми, македонското ЕСМ е едно од 13 – те компании што се пријавиле на повикот објавен во Службениот весник на Европската Унија во мај годинава. Седум од пријавените компании сакаат да учествуваат како стратешки инвеститори во изградбата на нуклерката „Белене“, вклучувајќи ја руската компанија „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“, Корејската хидро – атомска корпорација, конзорциумот АЕЦ „Белене“, конзорциумот „Електроцентрала Белене“, германската „Бектрон Карлсруе“ и бугарските „ИПК“ и „УП ЕООД Бугарија“.
угарската министерка Петкова потврди дека две други апликации биле доставени од „Џенерал електрик“ и „Фраматом“ за обезбедување на опрема за идната нуклеарна централа. Конечно, четири писма за намери биле испратени за склучување договори за купување електрична енергија и за учество во малцински удел во проектот од македонската „ЕСМ“, „European trade of energy Bulgaria“, „Energy distribution“ и „Енергомонт“.
Листата на заинтересирани компании за учество во изградбата на нуклеарната централа „Белене“ треба да биде готова во рок од 90 дена, по што ќе биде распишан официјалниот тендер за поднесување на понуди. Целокупниот проект ќе треба да се гради по пазарен принцип, без државна гаранција и без долгорочно купување на електрична енергија.
Бугарската држава ќе учествува во проектот „Белене“ преку Националната компанија за електрична енергија.