Македонија повеќе извезува компјутерски услуги отколку земјоделски производи!!

Извозот на компјутерски и информациски услуги од земјава минатата година надмина 160 милиони евра, достигнувајќи рекордна досега вредност.
На годишно ниво извозот на  компјутерски и информациски услуги е зголемен за 25,8% или за 33 милиони евра. Но, ако се спореди со извозот од овој сектор од пред пет години кога извозот изнесувал 60 милиони евра, тогаш зголемувањето на извозот е 167%.
Компјутерските услуги е меѓу малкуте сектори каде земјава има нето извозен приход, односно повеќе извезува отколку што увезува. Така на пример минатата година биле увезени компјутерски и информациски услуги од странство во вредност од 55,8 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од ИКТ услугите лани изнесувал 105 милиони евра.
Познавачите на овој пазар велат дека кај извозот на компјутерски услуги значителен удел има “лон производство“, поточно доработки на пратени кодови од страна на клиенти за кои што работат домашните програмерски фирми. Познавачите на овој пазар велат дека околу 90-95% од договорите на софтверската индустрија се субконтракторски, односно македонските фирми практично се подизведувачи на нарачателите од странство. Тоа е всушност аутсорсингот што доминира во македонскиот извоз на софтвер, наспроти само 5% од договори што се поврзани со софтверски продукти произведени од страна на домашните ИТ компании.
Но, и покрај тоа, ИТ секторот е еден од најбрзорастечките сектори во земјава, кои истовремено имаат и најголем потенцијал за зголемување на извозот.

Колку за споредба колку е голем сега извозот на компјутерски услуги може да послужи споредбата со извозот на овошје и зеленчук, кој лани изнесувал 146 милиони евра.
Што значи дека Македонија лани извезла повеќе компјутерски и информациски услуги отколку овошје и зеленчук. Годишниот извоз од 160 милиони евра на ИТ секторот е далеку поголем и од извозот на вино, кој годишно изнесува околу 60 милини евра.
Извозот на ИТ секторот може да биде уште поголем ако овој сектор ја добие неопходната поддршка, односно ако секторот се растерети од преголемите давачки кон државата.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски неодамна најави дека многу скоро данокот на добивка на ИТ секторот ќе се намали од сегашните 10% на 3%.
Но, за ова даночно намалување за ИКТ секторот се зборуваше уште пред да се воведе прогресивното оданочување со кое најмногу се погодени токму бизнисите во овој сектор. Со прогресивниот данок сите плати над 90.000 денари, какви што се поголемиот дел на програмерите, давачките за плата се зголемија за дополнителни 8%, што падна на товар на ИТ компаниите кои за да ги задржат работниците не се одлучија да им ги намалат нето платите.
ИТ компаниите досега беа изземени и од секакви субвенции, додека со последните измени на Законот за финансиска поддршка им се дозволи да користат државна помош за инвестициите кои ги прават за развој на бизнисот.
ИТ секторот во земјава вработува околу 13.000 луѓе и има учество во БДП од  околу 8%.
Колку за споредба извозот на ИКТ индустријата во Хрватска лани изнесуваше 1,13 милијарда евра, исто колку и извозот на извозот Србија.