Извозот на Алкалоид надмина 59 милиони евра во првата половина година,...

Фармацевтската компанија Алкалоид објави дека првата половина годинава остварила вкупни консолидирани продажби од 5.527.969.892 денари или близу 90 милиони евра, што е раст за 15% во споредба со истиот период лани.
Дури 66% од вкупните консолидирани продажби на Алаклоид во овој период се од продажби на странски пазари, а 33% се од продажба на домашниот пазар. Консолидираниот извоз на Алкалоид во првите шест месеци изнесува 3.638.592 илјади денари или 59,1 милиони евра , што е раст 21%. Продажбите , пак, на домашниот пазар во истиот се зголемени за 6% и изнесуваат 30,7 милиони евра.
Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во Велика Британија, каде Алкалоид во првата половина годинава имал раст на продажбите од дури од 211%. Во Русија продажбите на Алкалоид во првата половина годинава се зголемени за 95%, во Германија има раст од 49%, Бугарија со раст од 32%, Украина раст од 31%, Романија раст од 27%, Чешка раст од 26%, САД раст од 15%, Косово раст од 15%, Србија раст од 12%, Црна Гора раст од 11% и  Словенија со раст од 9%.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 16%, Антибиотиците со 15%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната нето добивка на Алкалоид за првите шест месеци годинава изнесува 460.762 илјади денари или околу 7,5 милиони евра и во споредба истиот период лани е зголемување од 21%, додека консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигнува 865.953.790 денари или 14 милиони евра и бележи раст од 22%.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 4.138.296.380 денари или 67,2 милиони евра, што е за 13% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА),  изнесува 846.016.625 денари или 13,7 милиони евра, бележи зголемување од околу 21%, додека единечната нето добивка изнесува 476.943.692 денари или 7,75 милиони евра и истата е зголемена за 19%.
Во првата половина годинава Алкалоид инвестирал во основни средства вкупно 6,8 милиони евра и реализирал 80 нови вработувања во земјава.