ЕУ се закани со царини вредни 35 милијарди евра кон САД

Европската унија има подготвено документ со кој се предвидува воведување на дополнителни царини против САД, во случај американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да воведе царини за европските автомобили.
Предвидените царини се однесуваат на различни производи во вредност од 35 милијарди евра, пишува Ројтерс.
“Нема да толерираме никакви квоти и ограничувања. Ако сепак царините бидат воведени, ние имаме подготвен список за воведување на контра царини,” изјави еврокомесарот за трговија Сесилија Малмстром.
Малстром се надева дека Брисел нема да биде принуден да прибегнува кон такви мерки.
Неодамна американскиот претседател Доналд Трамп во мај изјави дека производите од редица странски држави ги загрозуваат американските национални економски интереси и безбедноста, мислејќи на ЕУ и Кина.
Сепак, тој ја одложи својата одлука за шест месеци, отворајќи го прозорецот за преговори со ЕУ и Јапонија. Овој рок истекува во средината на ноември.
“Ја поздравуваме одлуката на САД да не наметнува давачки за автомобили и делови за автомобили, но, се разбира, самата идеја дека европските автомобили можат да бидат закана за националната безбедност на САД е апсурдно”, вели Малстром.
Преговорите за трговски договор помеѓу САД и ЕУ моментално се закочени, бидејќи САД не се подготвени да започнат преговори воопшто ако земјоделството не е вклучено, што е , пак, црвена линија за ЕУ.