ДЕЈАН БЕШЛИЕВ

Треба да се искористи големиот потенцијал за извоз на македонски вина и прехранбени производи во Руската Федерација

М-Р ДЕЈАН БЕШЛИЕВ

извршен директор на Македонско – руската стопанска комора

 

Извозот на вино и производите од преработувачката индустрија имаат тренд на пораст. Потенцијалот е голем и допрва тој треба да се искористи бидејќи се работи за нови производи за тој пазар за кои потрошувачите допрва треба да се навикнат. Како што руските потрошувачи ги запознаваат, така и побарувачката расте. Се работи и за производи за кои треба и време за маркетинг промоција за рекламната порака да стигне до купувачите. Македонските компании мора да знаат дека за да влезат на овој пазар треба значајно да вложуваат во реклама и пропаганда, без што е навистина тешко да се освои овој голем пазар.

 

 

Автор: Биљана Здравковска Стојчевска

 

Како ја оценувате македонско руската трговска соработка? Кои ги гледате најголемите потенцијали и предизвици за зголемување на меѓусебната трговска соработка?

 

Генерално македонско-руската стопанска соработка веќе со години е стабилна  и со определен континуитет се движи по нагорна линија. Секако, треба да се напомене  дека има појава и на амплитудно движење во трговската размена, но тоа нема значајно влијание кое предизвикува поголеми шокови во соработката. Во последниве години компаниите од двете земји тргуваат на нивото од околу 200 милиони американски долари, но за одбележување е дека трговскиот дефицит на страна на нашата земја е огромен.

Ова ниво на трговска размена е далеку од очекувањата на двете земји. Македонскa-руска стопанска комора и бизнис асоциjациите од руска страна со кои соработуваме, почнувајќи од Стопанската комора на Руската Федерација, како и низа регионални деловни заедници, заеднички оценуваме дека можностите се далеку поголеми. Во овој момент тргувањето се одвива, пред се, во земјоделско – прехранбениот сектор, во фармацевтската и во металната индустрија. Но, и покрај тоа што ваквата скудна дисперзија на области на соработка е одреден хендикеп, сепак, во основа таа е значајна за компаниите кои делуваат во овие сектори.
Во оваа прилика ќе споменам дека, на пример, третина од пазарните вишоци во македонското земјоделство се пласираат на рускиот пазар, што е од огромно значење за оваа гранка.

За да се зголеми нивото на размената, во неа треба да се активираат  и други индустриски гранки. Првенствено би го акцентирале енергетскиот сектор, во кој руските деловни луѓе се подготвени да вложуваат и поцврсто да соработуваат со македонските компании.
Од поодамна сигнализираме дека туризмот е значајна област во која сега резултатите се повеќе од скромни, иако руските туристи се со значаен потенцијал, што го покажуваат бројките кои ги бележат нашите соседни земји. За тоа да се активира потребно е воспоставување на транспортни коридори.
Можности препознаваме и во информатичко-компјутерска област, текстилот, градежниот сектор, посебно кај архитектонските бироа, кондиторската индустрија…


Како се движи извозот на македонски производи на рускиот пазар? Кои се најизвезувани производи, а што најмногу увезуваме?

 

За разлика од минатата година, во првите четири месеци оваа година во истиот период трговската размена бележи раст од 8,6%, лани таа изнесувала 65.346 милиони американски долари, а оваа година 70.986 милини американски долари. Исто така, лани се забележа мал пад и на извозот, оваа година во првите четири месеци од годинава Република Северна Македонија бележи висок пораст на извозот во Руската Федерација од 39% и мал пораст на увозт од 3,3 %.
Во овој период компаниите од земјава на рускиот пазар пласирале стока во износ од 12,416 милиони долари (лани во истиот период 8,892 милиони долари). До крајот на април, од Русија е увезена стока за 58,532 милиони долари, додека лани увозот изнесувал 56,454 милиони долари.
Сакам да напоменам дека со овие резултати Руската Федерација се врати во првите дваесет трговски партнери на нашата земја.

Во однос на тоа кои се најизвезувани производи се уште се тоа традионално познатите: земјоделски производи (овошје, зеленчук, тутун), фармацевтските производи, но во последните неколку години се поголема е застапеноста на извоз на виното и производи од преработувачката индустрија.


Кај кои производи гледате најголем потенцијал да се зголеми извозот во следните години и зошто?

 

Извозот на вино и производите од преработувачката индустрија имаат тренд на пораст. Потенцијалот е голем и допрва тој треба да се искористи бидејќи се работи за нови производи за тој пазар за кои потрошувачите допрва треба да се навикнат. Како што руските потрошувачи ги запознаваат, така и побарувачката расте. Се работи и за производи за кои треба и време за маркетинг промоција за рекламната порака да стигне до купувачите. Македонските компании мора да знаат дека за да влезат на овој пазар треба значајно да вложуваат во реклама и пропаганда, без што е навистина тешко да се освои овој голем пазар.

Не се сомневам дека во блиска иднина овие производи ќе бидат се повеќе и повеќе барани на рускиот пазар, кој со својата големина секогаш нуди и можност за сите производи. Притоа сакам да напоменам дека по отворањето на Македонскиот трговски дом во Москва овие производи,  а исто така и производите од кондиторската и млечната индустрија (пред се сирење и кашкавал) се достапни на лице место за руските купувачи.
Значајно е да се напомене дека преку  Македонскиот дом за нашите компании е отворена и можноста за пласман на нивните производи и на огромниот пазар на Евроазиската унија.


Што значи да се извезува во Русија? Колку е тежок и скап процесот за влез на овој голем пазар?

 

Како и насекаде, така и рускиот пазар има свои  одредени специфики и правила. Во последните години рускиот пазар покрај атрактивноста стана и многу пробирлив.  Исто така, правилата и законите за квалитет и безбедност на храната воведени од нивната институција Россељхознадзор или пандан на нашите Агенција за храна и ветеринсрство и Фитосанитарна управа, претставуваат силен регулатор за тоа каков производ ќе биде понуден на рускиот пазар – по  квалитет и по безбедност.

Од друга страна, пак, цената на производот споредена со понудениот квалитет игра важна улога при влезот на овој пазар. Македонските компаниите кои веќе подолго извезуваат на овој пазар првенствено што ќе ви советуваат е дека влезот и опстанокот кај руските потрошувачи бара посветеност и сериозност. Постојат потешкотии кои го обременуваат процесот и во некоја рака го прават и скап влезот во оваа земја. Но, сепак тој не е значајно поскап во однос на другите светски пазари.

Покрај стандардните транспортни растојанија кои влијаат на трошоците и на цената на производот, тука се лиценци кои се потребни за регистрација на секој производ при увозот и секако потребниот маркетинг –трошок. Овие трошоци потребно е компаниите да ги направат и при влезот на било кој друг пазар во светот.

Според искуството на компаниите кои веќе направиле извоз во Русија, кој е Вашиот совет за тоа кој најдобар начин за влез на рускиот пазар, дали компаниите сами да се позиционираат или можеби сепак е подобро да имаат руски партнер кој го знае локалниот пазар, начините на дистрибуција?

 

Оваа година Македонско – руската стопанска комора ја започна петнаесеттата година на активна работа како мост на зголемување на економската соработка со Руската Федерација. Во сите претходни години имавме можност да стекнеме искуства и истите да ги пренесеме до нашите компании – членки, што е една од нашите значајни активности. Тоа искуство со себе носи и пораки и практични сугестии кои им ги соопштуваме на сите оние кои се подготвени за претприемачки зафати во оваа пријателска земја, како совети за тоа што ги очекува во  соработката со руските партнери.

Првенствено, советот би бил дека за да се донесе одлука за настап на рускиот пазар, потребно е да се направи анализа, да се фиксира целна група, како начин на маркетинг настапот. Сето ова наједноставно може да се направи преку учества на саеми кои ги организираме благодарение на поддршката на Владата на РСМ врз основа на програмата за поддршка и развој на извозот, како и  преку партнерските институции во Руската Федерација, со кои имаме потпишани договори за соработка, меѓу кои се и најзначајните стопански комори.
На рака на овдешните компании е и  Македонскиот дом, кој има задача да собира информации за конкурентските производи, квалитетот кој се нуди,  цените, врши регистрација на нови компании,  дава царинска и правна поддршка и се друго што е потребно за влезот на македонските производи во трговската мрежа на оваа земја.
Апсолутно препорачуваме влезот на рускиот пазар да биде на почетокот со инстутуционална поддршка. Така е и поевтино, но и многу поефикасно.


Русија е огромен пазар за македонските компании кои се многу мали. На кои региони треба да се фокусираат?

 

Во самото прашање е дел од одговорот. Регионите во Руската Федерација се, но и понатаму треба да бидат целната група на македонските производители.  Македонско – руската стопанска комора потпиша договори со повеќе партнерски комори во Русија кои делуваат во неколку региони, и тоа Московски, Сантк-петербуршки, Ростовски, Воронежки, Нижно Новгородски, Калининградски… Овие региони географски се распоредени на север и југ од европскиот дел на Руската Федерација. Изборот не е случаен. Само како пример ќе споменам дека со оглед на тоа дека ние главно извезуваме земјоделски и прехрамбени производи, северниот дел од Руската Федерацијa е оптимален пазар за нив и затоа воспоставивме интензивна и блиска соработка со коморите од тие региони.

 

Како Македонско-руската стопанска комора им помага или може да им помогне на компаниите околу извозот на рускиот пазар?

 

Основното мото на Македонскo-руската стопанска комора е „Мост за економско поврзување на двете земји“. Со самото тоа, даваме порака до компаниите од двете земји дека сме подготвени да ги поврземе бизнис интересите на партнерите од Република Северна Македонија и Руската Федерација.

Постојат неколку инструменти кои ги користиме. Пред се сакам да истакнам дека сме постојан член на мешовитата македонско –руска меѓувладина комисија за трговско економска и научно- техничка соработка, значи активно земаме учество во работните групи кои се занимавааат со трговските врски. Потоа, преку проектот Македонски дом, кој стартуваше пред две години, нудиме доспапност на македонските производи на пазарот на Руска Федерација и останатите пазари од Евроазиската економска заедница. Потоа преку саемски манифестации организираме учество и обезбедуваме билатерални средби со заинтересирани партнери.

Исто така, во соработка со стручни лица организираме семинари за настап на рускиот пазар, и тоа како од економски карактер, така и од легислативен. Поради потребата од редовно запознавање со правилата и прописите во Руската Федерација со помош на овластени агенции вршиме обука на македонските компании и институции.

Ја поттикнуваме соработката во туризмот врз основа на заеднички напори со АППТРМ, но и со покани до руски тур – оператори за посета на нашата земја. Иако главниот проблем во оваа гранка го детектираме во непостоењето на директна авио линија која би претставувала главна алка за соработката во туризмот.

Активно работиме преку нашата веб страна www.maruko.org.mk, но и преку социјалните мрежи на презентирање на најнови вести од економската сфера,  како и на понуда и побарувачка со Руската Федерација.

Соработуваме со Универзитетите во нашата земја и студентите кои го изучуваат рускиот јазик ги препорачуваме во фирми кои имаат потреба од нив. Се обидуваме да доставиме информации до компаниите околу можното студирање на нивни вработени во Руската Федерација во области за кои е потребна поголема специјалност. Ова особено го подвлекувам бидејќи е важно да се користат шансите за стипендирани студии кои ги одобрува Руската Федерација. На тој начин ќе се изучува рускиот јазик, кој е апсолутно неопходен при соработката со партнери од Руската Федерација, и ќе се стекнат знаења од стопански гранки кои не се присутни кај нас, на пример, специјалисти за работа со гасоводни мрежи и системи, нано-технологија, одредени делови од медицината итн.

Сметаме дека збирот на сите погоре спомнати активности ќе дадат позитивен резултат и во идната соработка.


Се чини дека и извозот и водењето бизнис со Русија се гледа низ политичка призма. Дали со веќе извесното членство на Македонија во НАТО може да се очекуваат некои пречки или опструкции кои би го отежнил извозот?

 

Наша сфера на интерес е економијата. Македонско -руската стопанска комора во овој момент ниту има најава, ниту, пак, од оваа перспектива во иднина очекува било какви мерки на економско поле од страна на Руската Федерација.

Сметаме дека е многу интересно е да се погледне примерот на Словенија која како членка на ЕУ и НАТО, сепак, благодарение на континуираните билатерални контакти успеа да изгради своја патека за соработка со Руската Федерација. Слични се и однесувањата и на Хрватска.

Пред околу три месеци се вративме со група од дваесетина деловни луѓе кои беа учесници на саемската манифестација „Продекспо 2019“ во Москва. На овој најголем саем за прехранбени производи во Русија и воопшто во Југоисточна Европа, се сретнаа со своите руски колеги. Разговорите поминаа во отсекогаш препознаена срдечна атмосфера, а контактите покажаа дека не само што руските увозници се заинтересирани за македонските производи, туку нивните барања се зголемени. Рускиот пазар и потрошувачи одамна го имаат детектирано квалитетот на земјоделски производи,  затоа е зајакнат интересот за нивно купување.

Но, клучното прашање е до која цена се подготвени руските компании да платат за неспорниот квалитет на нашите праски, рана зелка, јаболки, домати, итн. Рускиот пазар е буквално нападнат од голем број на производители од сите страни на светот, конкуренцијата е безмилосна и на тоа македонските производители во иднина ќе мораат да посветат поголемо внимание.
Пречките за поголемои присуство на овој пазар најмалку во иднина може да се очекува да бидат политички, туку само од конкурентски причини.

Но, во оваа прилика би сакал да потенцирам уште еден значаен аспект. Македонско – руската стопанска комора смета дека процесот на напредувањето кон евроатлантското асоцирање ќе донесе современ „know how“ и повисок степен на образование на менаџерскиот кадар кој во иднина ќе претставува носител на извозните активности на компаниите кон европските пазари,  и во таа насока и на рускиот пазар. Ова го велам, пред се, поради фактот дека рускиот пазар се повеќе станува пазар на кој квалитетот и добрата ценовна политика доминираат.
Приспособувањето кон европските норми и стандарди едновремено значи и усовршување на сопствените можности за настап на рускиот пазар. Ова е особено значајно ако се знае дека и во моментов нормите и стандардите во Руската Федерација се на ниво на европските,  а во одредени сегменти се дури и повисоки.