Германската економија забавува, на повидок можна рецесија

Германската економија веќе не се соочува само со привремени тешкотии, туку со продолжен пад што се заканува да заврши со рецесија, бидејќи компаниите што се потпираат на извоз се соочуваат со се послаби изгледи за раст, покажува истражувањето спроведено од страна на агенцијата Dpa меѓу германските економисти.
Германската економија се соочува со низа проблеми, почнувајќи од слабеење на глобалната трговија и слаб автомобилски сектор, до засилена политичка неизвесност околу трговските спорови, ситуацијата во Италија и Брегзит.
Заради сите овие фактори германските економисти гледаат мала шанса за опоравување во втората половина од 2019 година, а во меѓувреме ризикот од рецесија стана прилично висок.
Проценките се дека забавувањето би можело да потрае до крајот на годината.
Ставовите на економистите се совпаѓаат со песимизмот на германската влада, бизнисмените и на граѓаните.
Владата на Берлин ги намали проекциите за економски раст  и сега се предвидува раст од само 0,5% за 2019 година.
Германската економија порасна за 0,4% во првиот квартал од 2019 година, откако за влакно избегна рецесија.