Во Србија се наоѓаат најголемите резерви на литиум во Европа

Проценките на експертите се дека најголемите резерви на литиум-метал кој се користи за производство на батерии, се наоѓаат во Србија. Но, потешкиот дел од работата е како да се стигне до нив.
Bloomberg пишува дека овој факт ја отвора можноста Србија да стане нов европски фронт на економската борба со Азија. Авторот на текстот објавен во Bloomberg е во посета на селото Клиновац, кај Бујановац, каде се верува дека има резерви на литиум.
Додека потрагата по литиум се зголемува низ целиот свет, Bloomberg проценува дека во следните 11 години потрошувачката на литиумски батери ќе се зголеми осумкратно.
Проценетите количини на овој метал во Србија се најголеми во Европа, а „незаситената глад за батерии кои напојуваат сè, од iPhone телефони до автомобилитте на „Тесла“ ја охрабруваат подготвеноста на Рио Тинто груп да ја истражи исплатливоста на копање за овој метал. Во Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пишува Bloomberg, во февруари изјави дека резервите на литиум се „една од најголемите надежи за Србија“ и ги повика компаниите да ја забрзаат работата за да започнат со производство.
„Во срцето на литиумските соништа на Србија се наоѓа минерал откриен во 2004 година, наречен „јадарит“ по реката Јадар, во западна Србија, каде е пронајден. Покрај литиумот, тој содржи бор кој се користи при производство на керамика и минерални ѓубрива и изолациони материјали.
Чешка и Австрија исто така ги проучуваат своите потенцијали за ископување на литиум, Романија повторно ги отвара своите рудници на ретки минерали, а меѓународните компании го прошируваат производството на батерии во Европа, меѓу другите во Полска.
Но, Bloomberg пишува дека залихите на литиум во Србија, доколку може профитабилно да се дојде до нив, можат да бидат доволно големи за да му помогнат на целиот европски континент да се натпреварува со развојот на Азија, особено Кина, трет по големина светски производител на литиум и врвен производител на литиум-јонски батерии.
Рио Тинто, една од најголемите светски рударски компании и истражувачката компанија “Јадар Литиум” со седиште во Австралија веќе проверуваат колку литиум има во Србија.
Оптимистичките проценки на Србија и прелиминарните истражувања укажуваат на тоа дека во Србија би можело да има дури 200 милиони тони литиумска руда, додека американскиот геолошки Институт проценува дека во земјата има само еден милион тони идентификувани резерви, што сепак ја прави Србија еден од најбогатите извори на литиум во Европа.
Производството на литиум во светот во 2018 година скокна за 25%. Од друга страна, растечката понуда драстично ја намали цената на литиумот, при што најголемите производители и рудници ги намалија плановите за производство, што придонесе меѓу другото и за забавување на економскиот раст на Кина.
Bloomberg проценува дека за да се започне со експлоатација на литиум во Србија се потребни најмалку уште три години, но дека српските власти веќе ги поддржуваат подготовките на компаниите за преработка на литиум и производство на батерии,  што го потврдува и Ненад Антиќ, заменик градоначалник на Врање, најголемиот град во близина на Клиновец, каде е еден од потенцијалните најголеми наоѓалишта на овој метал.