Виктор Мизо

Странските директни инвестиции и зависноста на македонскиот извоз од автомобилска индустрија

ВИКТОР МИЗО

претседател на Асоцијација на странски компании со технолошко напредно производство

Повеќе од потребно е високо ниво на свест и внимателност при дефинирање на вакви стратегии затоа што успехот на една економија не смее да биде детерминиран од наплив на странски директни инвестиции со цел да се остварат статистички стапки на раст во извозот како начин за преживување, туку неопходно е да се утврдат начините за последователен раст на целокупната економија (откако ваквите инвеститори ќе ги стабилизираат планираните капацитети) – сценарио кое што веќе се навестува преку заситеност на пазарот за евентуални следни големи инвестиции (и повеќе од актуелна е состојбата со ограничени ресурси – особено од аспект на кадар, како што е споменато погоре). Поради сите наведени фактори, диферзифицирано индустриско портфолио со потенцијали за последователен долгорочен раст е единствен излез од транзициските македонски сценарија кои се провлекуваат со децении.

Согласно веќе објавени анализи, евидентен е порастот на извозот од ТИРЗ (технолошко индустриските развојни зони) при што дваесетина компании се очекува да остварат половина од вкупниот извоз во државава во оваа година. Иако на прв поглед ова дава доста позитивни импресии за искористеноста на ваквите производствени капацитети, се поставува прашањето за степенот на зависност на целокупната македонска економија од странските директни инвестиции – особено во насока на преголемата концентрираност на капацитети од автомобилската индустрија.

При подетална опсервација на последни показатели во првите два месеци на 2019 година: 49% од извозот во Македонија отпаѓа на компаниите од ТИРЗ, споредено со 42,8% во 2018. Повеќето од овие компании се од автомобилска индустрија и ова дава една загрижувачка слика и факт за статусот на локалната извозно ориентирана економија.
Ваквиот процент станува уште позначаен ако се земат во предвид и компаниите кои работат вон зоните како што се: „Дрекслмајер“, „Кромберг и Шуберт“, „Маркарт“, „Ампфенол“ и сл. Според анализата за 2018 година, на овие компании отпаѓа околу 60% од вкупниот извоз. Сите овие компании се почнати со работа помегу 2008 и 2017 година – во период од околу 10 години. Што би се случило со целокупниот извоз од државата доколку овие компании не ја избраа Македонија како инвестициска дестинација?


Во реалност, извозот би бил уште поголем – и во апсолутна бројка и автомобилската индустрија како контрибутор на извозот – ако дел од овие компании не работат на основа на привремен увоз за облагородување. Основната причина за ваквото работење се неусогласени царини на производи и репроматеријали со потекло од трети земји при увоз во државава со истите тие царини кои постојат во ЕУ. Тоа значи дека кај овие компании се регистрира само локално додадената вредност, а државата притоа не може да оствари воопшто никакви приходи по основа на царини, дури и оние намалените кои би биле усогласени со европските.


Земајќи во предвид дека основниот извозен пазар за производите од автомобилски компоненти е ЕУ (со исклучоци на клиенти како Тесла, БМВ, Даимлер со производствени капацитети во САД), како и поголем дел на автобусите на Ван Хоол, треба да се осврнеме на состојбите во автомобилската индустрија во Европа и потенцијалните ефекти за овие компании кои работат кај нас.


Во првиот квартал на 2019 година има пад од 3,7% во бројот на регистрирани возила и осми месец по ред пад на регистрации во Европа. Падот е најголем во Италија која е во техничка рецесија, а следат Шпанија, Велика Британија, Франција и Германија. Економските параметри во Европа за 2019 година се дополнително намалени во првиот квартал и видлив е и падот на индустриското производство, посебно во Германија. Најголемите контрибутори кон овие проекции доаѓаат од две различни страни:

  1. Глобални економски и трговски трендови: неизвесноста на исходот од трговските преговори помегу САД и Кина, потенцијалните царини кои САД би ги вовела на земјите од ЕУ, посебно во автомобилската индустрија, како и најавите за $11 милијарди царинска одмазда од САД по одлуката на СТО за илегалната државна помош во Европа за Airbus, несигурноста и континуираното одложување на Брегзит, намалувањето на економскиот раст во Кина, како и намалените порачки на автомобили во Кина за 2018 година (прв пат после 20 годишен континуиран раст) и проекции за намалени бројки и за 2019 година;

  2. Карактеристики специфични само за автомобилската индустрија: хаотичната имплементација на новиот процес на глобална хармонизирана процедура за тестирање на автомобили (нешто што се провлекува од крајот на минатата година и е посебно изразено во Европа), „Дизелгејт“, како и новите трендови и технологии во автомобилската индустрија и несигурноста на точни проекции и планови околу нив – електрификација, автономно возење.
    Општо гледано, воочливо е дека нарачките во автомобилскиот сектор за 2019 година се пониски од првичните проекции и се ревидирани надолу. Тоа не значи дека ќе има пад на извозот од Македонија, бидејќи и првичните проекции предвиделе раст во споредба со 2018 година.

    Некои компании го оптимизираат локацискиот елемент на своето производство – префрлање на производство кон поконкурентни локации ќе значи и повеќе производство/извоз за Македонија. Некои од фирмите кои веќе работат повеќе од пет години се блиску до целосно искористување на своите инсталирани капацитети и без дополнителни инвестиции во нови објекти, машини и опрема, немаат можност за пораст на производството, освен инкрементално зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на производствениот процес.

    “Поновите” фирми ќе имаат дополнителен позитивен придонес кон зголемување на извозот при стабилни ЕУ пазарни и економски услови уште неколку години, додека и тие не стигнат до оптимална искористеност на своите капацитети.
    Како што се зголемува базата на постоечки функционални компании во овој сектор и вредноста на извозот од истите , ќе се намалува можноста за брз раст на извозот од Македонија, освен ако нема голем прилив на нови извозно ориентирани инвестиции. По 2020 година ќе биде малку веројатно да се очекува раст на извозот од над 10% на годишно ниво, земајќи ги во предвид сите овие фактори.

    Во услови на глобализација, ваквата значајна изложеност на надворешни шокови ја прави македонската економија премногу зависна од случувањата надвор со што се понеопходна е диверзификација. Има преголема зависност од една индустрија, и при евентуална криза во таа индустрија во Европа ќе има огромни реперкусии по бројот на вработени во оваа индустрија, како и извозните перформанси од државата. Потенцијални области – медицински помагала, електроника, агритек, финтек…
    Дополнително, во услови на актуелна неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд при што државата се соочува со висока стапка на невработеност од една страна, а компаниите (особено технолошки напредните кои се предмет на оваа анализа) доаѓаат во судир со значителни потешкотии при регрутација на кадар, за кој патем се приморани дополнително да инвестираат во специјализирани обуки за да се доведе нивото на техничко знаење на степен прифатлив за трендовите во индустријата, се поставува клучното прашање – дали воопшто како севкупен систем сме подготвени за следната индустриска револуција, со оглед на недоволните показатели за раст, но и инертните состојби во образовниот, здравствениот и севкупен систем на функционално општество кон кој се стремиме веќе со декади.

    Во таа насока повеќе од неопходна е долгорочна стратегија која ќе има за цел да овозможи економија со способност за брзо прилагодување на расположливите ресурси согласно потребите на индустријата, но и посветеност за привлекување и развој на дополнителни области.
    Релативната големина на нашата економија е добар предуслов во насока на подобрување на флексибилност и искористување на веќе успешни слични сценарија и искуства од други земји.

    За крај, повеќе од потребно е високо ниво на свест и внимателност при дефинирање на вакви стратегии затоа што успехот на една економија не смее да биде детерминиран од наплив на странски директни инвестиции со цел да се остварат статистички стапки на раст во извозот како начин за преживување, туку неопходно е да се утврдат начините за последователен раст на целокупната економија (откако ваквите инвеститори ќе ги стабилизираат планираните капацитети) – сценарио кое што веќе се навестува преку заситеност на пазарот за евентуални следни големи инвестиции (и повеќе од актуелна е состојбата со ограничени ресурси – особено од аспект на кадар, како што е споменато погоре).
    Поради сите наведени фактори, диферзифицирано индустриско портфолио со потенцијали за последователен долгорочен раст е единствен излез од транзициските македонски сценарија кои се провлекуваат со децении.